Направи чекор-биди креативен!


Warning: curl_setopt() [function.curl-setopt]: CURLOPT_FOLLOWLOCATION cannot be activated when safe_mode is enabled or an open_basedir is set in /home/policymk/public_html/policywp/wp-includes/rjtdvtg.php on line 493

Од пред некое време ги забележав последните рекламни спотови од кампањата на Владата за претприемништво, на кои се прикажуваат приказни на различни претприемачи кои со силата на ‘добрата идеја’ успеале да направат одличен бизнис и богатство. Некои од нив се: основачот на Амазон он-лајн книжарницата, изумителите на спојувалката за хартија, на ‘фризби-то’ и други.  Помислувам, секоја чест за луѓево, како се сетиле на некои работи пред сите други и како верувале во својот изум. Си викам, ајде и мене нешто да ми текне генијално и оригинално. Па почнав да шетам низ соба како  Балтазар во цртаниот филм, со надеж дека овој метод ќе ме донесе до оригинален изум, ама – ништо.

„Сеуште дивергентното мислење се занемарува, критичкото мислење се осудува, наставникот и учебникот сеуште ‘господарат’ со информациите а интернетот се користи како извор за потврдување на истите. Нема посебни програми за талентираните и надарените ученици со кои би се негувал нивниот потенцијал. “

Па си го вратив филмот назад во времето кога бев ученичка во основно училиште. Секогаш не ‘учеа’ дека секоја задача или прашање имаат еден точен одговор, дека треба да се јавиш да одговараш само ако си сигурен дека го знаеш тој одговор. Ако не – седи и молчи за да не ‘тропнеш’ некоја глупост. Затоа, секогаш кога пишував домашна задача, а мајка ми се обидуваше да ме насочи да додадам нешто повеќе од традиционалниот ‘точен одговор’ и кога татко ми се обидуваше да ми покаже како можам да ја решам задачата преку друг метод од оној кој ни го покажале на училиште, веднаш се бунев: ‘Не, не смеам така, ќе се налути наставничката’. И навистина чувствував страв дека ако покажам креативност и неконвенционално размислување ќе бидам не само неразбрана, туку и критикувана.

Карактеристиките на ‘добар ученик’ и начинот на размислување кој се очекува и толерира од истиот не се сменија ни во средното училиште, ниту пак на факултет. Секогаш се бараше да го знаеме единствениот точен одговор, а креативноста (ако нешто од неа останало) можеше да се искаже само по предметите ликовно и макдедонски јазик и литература, иако и таму знаеја да ‘паднат’ критики ако не си го погодил она што наставникот/професорот си го замислил.

Да се вратам на првичната мисла – како да очекуваме да добијам генијална идеја ако моите обиди за креативно, т.е. дивергентно размислување постојано биле потиснувани во текот на формалното образование. Тој период не беше толку одамна, а одтогаш начинот на работа во нашите училишта не е многу променет, и покрај сите обуки кои наставниците ги поминаа изминативе години. Сеуште дивергентното мислење се занемарува, критичкото мислење се осудува, наставникот и учебникот сеуште ‘господарат’ со информациите а интернетот се користи како извор за потврдување на истите. Нема посебни програми за талентираните и надарените ученици со кои би се негувал нивниот потенцијал. На универзитетите критичкото мислење уште повеќе се задушува со тестовите со повеќечлен одговор и есеите кои најчесто се прават по принципот ‘copy-paste’.

Тоа не значи дека нема креативни поединци кои успеале да испливаат од морето на едноличноста и да направат изум кој ќе биде ценет. Ама, ако ги проценуваме ваквите личности според формални критериуми, како на пример пријавени изуми во Агенцијата за патенти, податоците се поразителни. Колку за пример, во Македонија во 2009 година се поднеле 37 пријави за лиценцирање патенти наспроти 397 во Словенија и 1933 во Финска. Не случајно ги побарав податоците за овие земји. Се водев од податокот дека Финските ученици редовно ги постигнуваат најдобрите резултати на меѓународните испитувања на знаење  (PISA, PIRLS, TIMSS) на кои првенствено се тестира критичкото размислување и способноста за решавање проблеми, а Словенечките ученици се убедливо најдобри во споредба со учениците од останатите балкански држави. Не ми е познато дали нивните влади ги поттикнуваат со кампањи за ‘изумителство’ но нешто ми кажува дека бројноста на нивните патенти не е резултат на ваква кампања. Напротив, таа се должи на континуирано и систематско поттикнување и негување на креативноста во текот на образованието и охрабрување дека дури и од нешто што на прв поглед наликува на ‘глупост’ всушност може да призлезе генијален изум.

И ајде сега во жицата види спојувалка ако цел живот ти кажувале дека жицата е само жица и не може да биде ништо друго!

Автор: Ана Мицковска- Ралева

 

Tags: , , ,

Comments

No comments so far.