Во пресрет на панел дискусиите „Ефектите од Викиликс“
Warning: curl_setopt() [function.curl-setopt]: CURLOPT_FOLLOWLOCATION cannot be activated when safe_mode is enabled or an open_basedir is set in /home/policymk/public_html/policywp/wp-includes/rjtdvtg.php on line 493
За потестување, почнуваме утре, петок 24 декември, во 10 часот во Клубот на новинари во Скопје. Настанот ќе трае до 14 часот.
Во пресрет на утрешниот настан, панел дискусиите „Ефектите од Викиликс“, ви пренесуваме дел од она што ќе се говори на настанот.
Викиликс, меѓународната политика и Македонија
На „политичката“ сесија, ќе имаме можност да го чуеме Филип Петровски, доктор по политички науки и директор на скопската градска библиотека „Браќа Миладиновци“, кој минатиот викенд во својата колумна го спореди Џулиeн Асанж со „модерен Робин Худ“, кој ги зема тајните од богатите и моќните, и бесплатно ги дели на послабите. За ефектите од Викиликс Петровски вели:
Објавувањето на илјадниците доверливи документи на Интернет предизвика хаос во светските дипломатии, особено оние поголемите. Сега се трага по можните „предавници“, за оние што можеби придонеле за нивното истекување. Некој мора да биде обвинет, зашто беше разголена бруталноста на работата на светските дипломати. На ист начин се направи обид да се дискредитира и уништи Џулиен. [...] Но, се појави еден додатен ефект на кој мислам дека никој не сметал, дури ниту ЦИА, како и другите тајни служби.
Имено, хакерите и слободоумните персони кои се вешти со компјутери спонтано застанаа во одбрана на Асанж. Мислам дека на тој начин тие застанаа во своја одбрана, во одбрана на правото за слободно комуницирање, размена на податоци и право на слобода воопшто. Оти, ако нема спротивставување, владејачките елити се подготвени се’ повеќе да земаат. Да ве стават во состојба на дрогирани и индоктринирани кукли кои само ќе имитираат живот. [...]
Претпоставувам дека сега сосема ќе се промени начинот на кој се продуцираат и комуницираат податоците. За да не се случи повторен кејблгејт. Системот, светската влада, државните дипломатии ќе бараат начин да се надградат и да не се повтори скандалот. И секако да го супресираат ова што се претвора во ново светско движење за разголување на валканиците кои се прават во наше име. Но, ми се чини дека процесот е незапирлив. Тој веќе фати своја насока. Ги обедини сите кои се наоѓаат насекаде и кои контактираат меѓу себе само со компјутер и интернет. Им ја даде силата да сфатат дека можат да го грицкаат системот со сопсвената активност и им покажа дека не се безвредни и обична бројка. Оти беше зафатило едно сивило, една безнадежност дека поединецот нешто може да смени, затоа што ништо не е во негова можност. [...]
Што од ова има врска со Македонија? Има ли некаков ефект од објавувањето на документите, зашто имаше и документи кои се поврзани со нашата држава. И тоа документи со сериозни импликации. Како за преговорите за името, за хашките случаи кои Бучковски побарал да не се враќаат во државава во време на избори. Веројатно постојат и други документи кои или се’ уште не сме ги откриле, оти немаме истражувачи и ентузијасти кои можат уште повеќе да ја соголат домашната политичка арена. Сигурен сум дека нема да отстапиме од моделот на бескпрупулозност во владеењето и дека ако продолжат да се појавуваат ќе покажат оти нашите политичари се исти како оние најлошите кои се разголени во КЕЈБЛГЕЈТ. За жал така е. Не гледам дека некој од нив воопшто и се труди да негира или, пак, да коментира за објавеното. Се спомнуваат куферчиња со милионски суми за промена на името. Тоа се настани со далекусежни, повеќегенерациски последици и пак ништо. Некако кај нас за се следи едно големо НИШТО. Ниедна државна институција која би требало да реагира по службена должност, барем да провери за што станува збор, не кажува ни „а“ ни „б“. [линк до целата колумна]
На истата сесија ќе имаме можност да ја чуеме и Билјана Ванковска, редовна професорка на Филозофскиот факултет во Скопје која отвара неколку интересни прашања:
1. Ако првиот 11 Септември се покажа како одлична основа за легитимација на нелегални војните во 21 век, и „вториот“ (во вид на Викиликс) покажува слични обележја и може да заврши како легитимација за натамошна редукција на човековите права, јакнење на тајноста и нетранспаретно вршење на власта
2. Викиликс (и сите оние „ликсови“ кои се надоврзаа или произлегоа од него) во себе носат огромен потенцијал за промоција на правото да се знае, односно се делумно резултат на кризата на глобалните медиуми, отсуството на вистинско истражувачко новинарство, и на промоцијата на „демократија без народ“.
3. Но, сега токму медиумите (покрај владите) се најголемите непријатели: целата работа се спинува, пожолтува, се разводнува, се персонифицира низ личноста на Асанж. Пилгер со право вели: не го злоупотребувајте Асанж! Јас велам: Викиликс е многу позначаен од Асанж, но силата на неговиот личен пример и храброст се за восхит и инспирација
4. Викиликс како вовед во нова фаза на глобализацијата и на „глобалниот поредок“ кој добива опозиција во вид на underground движење. Бидејќи во битката за сајбер-демократија нема граници, нема условуивања, нема проблеми со името, критериуми за членство и сл., Македонија добива шанса да фати приклучок и конечно да се однесува како дел на космополитскиот поредок (барем во развивањето на идејата и визијата за него). Овде очекувам многу од неполитичката и анти-мејнстрим сцената (особено младите вистинољубиви луѓе, кои имаат и знаење и информатичка култура).
5. Во делот на досегашните „откритија“ важно е дека добивме „црно на бело“ потврда за она што и однапред го знаевме од начинот на кој се води домашната и надворешната политика. Пазарењето со хашките случаи, или случајот Рамковски, не се воопшто изненадување. Дури престанавме да се чудиме што нема никаква правна разрешница од овие случаи.
6. И она што евентуално ќе дојде во наредниот период, не верувам дека ќе биде шокантно. „Локалните“ информации ќе се користат „локално“, за меѓупартсики препукувања, а веќе се јавуваат трагикомични „макиликсови“ кои подгреваат сарми – стари „вести“ пласираат како нови, на насловини страни, како божем научиле нешто од Асанж. Во однос на надворешната политика, скандалозно е дека нема и нема да има никакви научени лекции, бидејќи овде дури и 100 наводи за воени злосторства во Авганистан да се појават никој нема јавно да побара преиспитување на нашето учество таму. А секоја критика на американската администрација, токму од оние кои би требале да ја знаат вредноста на Викиликс (напредните интелектуалци) се смета за погубна, непатриотска, спротивна на нашите национални интереси. Овде владее и натаму онаа „не гледам зло, не слушам за злото, не говорам за злото“.
На истава сесија ќе говори и Јасна Котеска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Котеска ќе ја дискутира појавата на Викиликс како феномен од зоната помеѓу приватното и јавното, и како современо „самиздат“ движење; ќе се осврне на ефектите на Викиликс во поглед на историјата како наука; како и на ефектите врз традиционалните медиуми; Интернетот и цензурата.
Нејзината дискусија ќе ги разледува и ефектите на Викиликс од два аспекта: мерливи од можни редизајни во дипломатијата и политиката во иднинаната, а заради итноста на случајот и привлекувањето на вниманието на светската јавност и како сегашни, тековни ефекти. Дополнително, Котеска ќе го разгледува случајот на Викиликс и како прва посериозна сајбер војна, како предмет на теориите на заговор.
Една од клучните поенти кои Котеска ќе ги дискутира е придонесот и пристапот на Викиликс во декласирањето документи; а оваа точка неминовно е поврзана со отварањето на прашањето за потребата за декласирање на македонските архиви, една од главните тематски нишки во работата на авторката. Со тоа, Котеска ќе даде придонес во дискусијата на линкот помеѓу Викиликс и македонската политика и воопшто, можниот ефект врз политичките системи во поширок контекст.
На оваа сесија, ќе имаме можност да ги чуеме излагањата на Ивица Боцевски, истакнат македонски политолог и поранешен вицепремиер; како и на Стево Пендаровски, професор по Меѓународна безбедност, Надворешна политика и Глобализација на Факултетот за политички науки при Универзитетот Американски Колеџ од Скопје.
Виликис, слободата на медиумите и иднината на Интернетот
Во оваа сесија ќе имаме можност да го чуеме Миша Поповиќ од Слободен софтвер Македонија, политолог што го интересира крстосницата помеѓу општеството, технологијата и политиката. Тој ќе дискутира на три теми поврзани со Викиликс и ефектите од Викиликс:
1. Акциите на Anonymous како хакерски напади или како масовни демонстрации? Мојата теза, инспирирана од текстот на Ричард Столман е дека е многу важно да се разликува „хакирање“ од „демонстрирање“ за да се сфати она што по медиумите се нарекува „кибервојна“.
2. Сторијата за „Викиликс“ како кибарпанк приказна: каде е, а каде не е Викиликс киберпанк херојот. Во овој дел ќе зборувам и за разликувањето на (не)важноста на информациите кои се пласираа наспроти важноста на новиот механизам на објавување.
3. (Не)довербата на Интернет после Мастеркард, Пејпал, ВизаЕ и Амазон: тука би зборувал околу слободата на интернет, отежнувањето на комуникациските канали и евентуално иднината. Овој дел ќе синтетизира кон темата за слободата на медиумите (Интернет) и слично.
На оваа сесија ќе имаме можност да го чуеме и излагањето на Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и предавач по комуникациски теории во Школата за новинарство и односи со јавност. Тој ќе говори на провокативната тема „Викиликс – помеѓу медиумската банализација и неостварените пророштва за политичкиот земјотрес“.
На оваа сесија ќе имаме можност да ги чуеме и Роберто Беличанец од Центарот за Развој на Медиуми, како и Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис и Сеад Џигал од Центарот за Нови Медиуми. Последниве двајца, на темата Викиликс ќе говорат и вечерва (четврток, 23 декември, со почеток во 19 часот) на Зборното место во ГЕМ Клубот (Менада) во Старата скопска чаршија – дебата ќе биде водена од Никола Гелевски, кој пак излезе со занимлив текст на темата во тековниот број на Глобус.
Tags: CRPM, wikileaks, wikileaksmk, македонски

[...] место“ во ГЕМ-клубот, а денес треба да се одржат панел дискусии во Клуб на [...]